ЗГРАДА!!!

Мојот живот е зграда. Има 23 ката. Има цврсти темели, но нема кров. Последниот, 23-от кат е отворен, затоа што подлежи на промени, сеуште е отворена можноста за градење на 24-от кат. Интересно… за да продолжиш да „растеш“ не смееш да си „ограничен“…

Другите 22 ката што се подоле, затворени се и на сигурно. Но, 23-от кат… уф, можете да замислите што се доживува… дождови, снегови, магли, студови, темни облаци и ветер што постојано го разместува ентериерот. Често пати дождот го поплавувал целиот кат и многу работи ми се уништиле, но некогаш нема ништо попрекрасно од тоа да го исчистиш „хаосот“ и да почнеш повторно да средуваш. Маглата не ми дозволувала да дишам и понекогаш се симнувам на подолните катови само за да го преживеам тој ден. Но, морам да се качам пак на 23-от кат инаку цела зграда ќе пропадне, ќе навлезе маглата и надоле, ќе се поплават и другите катови, се што сум градела ќе се сруши. Затоа ќе ја соберам топлината од сите претходни спомени што живеат на подолните катови и ќе се качам на 23-от за да го доградам. Не е толку лошо таму, не е постојано зима нели? Еден кат за една година, ги поминувам сите четири сезони, така што има и денови кога цел ден лежам на сонцето со моите сончогледи, а навечер ги гледам ѕвездите и ги собирам тие што паѓаат. Кога ќе видиш како паѓа ѕвезда викаат замисли си желба… си замислувам и со нив го градам наредниот кат.

Имало и земјотреси нормално, колку е поголема зградата толку е полесно да падне. Но, реков темелите се силни, проживеале повеќе земјотреси и ете, сеуште се извишува. Има и докази од земјотресите. Има пукнатини, има штети, има работи кои се уништени и скршени и не можат да се поправат. Се случувало од силното тресење да се расипе и лифтот, па останувам заглавена на некој од катовите со денови, но најтешко ми е кога сум заглавена измеѓу катови и не знам дали ќе мрднам или ќе останам заглавена некаде засекогаш. Но, ете… секогаш има некој што ќе дојде и ќе ми помогне, ќе го направи лифтот за да можам повторно да се движам. Обично тоа се оние кои помогнале при изградбата.

Има катови кои сакам засекогаш да ги заклучам и никогаш повеќе да не влезам таму. Но, не се осмелувам, понекогаш се симнувам и таму само за да се соочам со нив, да ми бидат пример за тоа какви не сакам да се наредните катови кои ги градам. Разгледувам убаво, гасам светло, затварам врата и се качувам најгоре. Некогаш па се навраќам на оние катови каде што ми било најубаво и најтопло. Седам таму со денови, убаво ми е, ги гледам сликите по ѕидовите, се смеам сама со себе, ќе се напијам и некоја чаша винце и заспивам со спомените. Ама после неколку дена сфаќам дека не можам да останам засекогаш тука, ако останам тогаш последниот кат кој се гради ќе остане празен и кога ќе се навраќам на него ќе видам дека нема ништо што ќе ме развесели како сега на овој кат.

Многу луѓе се качувале по скалите, но не секој се качил најгоре. Тие што се качиле до последен кат, од нив и ќе има траги по зградата. И убави и лоши. Убавите ќе останат, а лошите… хмммм, па може и да се искречи, ќе дојде некој и заедно ќе реновираме. Со еден збор, има доволно… некаде има повеќе, некаде има помалку, ама тоа ја прави рамнотежата која не дозволува да се сруши зградата.

11

Да не ја заборавам и надворешноста, и таа е важна. Зградата е единаесет-аголна, личи на сончоглед и секој ѕид е во различна боја, зависи од која страна ја гледаш зградата. Има 11 агли затоа што бројот 11 означува дуалитет, а дуалитетот го прави балансот… топло-ладно, активно-пасивно, црно-бело, позитивно-негативно, солено-слатко, добро-лошо… итн итн итн…. Тоа е мојата зграда, се обидувам да си го најдам балансот…

Изградбата е во тек… повелете :)

WC шоља!!!

Правила, правила, правила… Преку кур од правила… Од каде толку правила кога на секој чекор има кривина… Да беа улиците само прави, ќе исмислеа Кривила!!! Премногу правила, а пак на крај сите сме криви за нешто…. Цел свет се распаѓа од посраните закони на тие што ги измислиле, и никој не ги почитува, а најмалку па тие што ги напишале… Цел свет е еден затвор што смрди на пропаднати скапани соништа!!! Какви катастрофи се дешаваат и наеднаш стана најважно, правилно да преминуваш на пешачки, да не го нарушуваш јавниот ред и мир и да не фрлаш пикавци по улица … три казни во рок од пола година… јас мислам дека треба да напраат закон да престанеш да ги користиш нозете и да почнеш да одиш на раце, потоа глас да не ти се чуе, значи воопшто да не говориш повеќе, уште поубаво ќе биде ако си го исечеш јазикот и го донираш во музеј за да се знае коа престанал човекот да биде човек… Овој закон повлекува еден друг закон успат, а тоа е да не пушиш цигара со уста, туку комотно да си ја ставиш во газ и да ја запалиш, а за нова година може да си ставиш и петарда, така послесно ќе пенетрира законот во тебе!!! Што се однесува на ѓубрето… нема фрлање ѓубре каде ќе ти текне… од сега ѓубрето ќе стане основна храна на човекот и ништо не смее да се фрла… пошто нели јазикот ќе го одсечеме, така да нема да биде проблем да јадеме ѓубре, пошто  и онака нема да осеќаме ништо! Следно… ниедна улица повеќе да не се поправа!!! Супер, така полесно ќе се искршат колите и ќе треба да си купиш нова. Оние пак што немаат кола  и се возат со автобус, „слободно“ нека уживаат во смрдливата атмосфера во автобусот, нека не ставаат слушалки на уши , бидејќи не смее да се пропушти неподносливиот звук и тресењето што додека стигнеш до посакувата дестинација ќе ти го измести редоследот на органите во телото! Никако да не се купат нови автобуси, бидејќи ние го сакаме ризикот, ќе се возиме со ЈСП се додека не експлодира автобусот, па тогаш ќе можеме слободно да полетаме! Кога сме кај алкохолот… уште една работа која му е природна на човекот, ама НЕ СМЕЕ да ужива во тоа после 7 саат! Не смееш да пиеш алкохол и барем малку да се расположиш, да прославиш што автобусот не ти откажал по пат… ама немааааа…. ќе патиш и подобро ќе ти биде да седиш дома и да гледаш некоја турска серија која ти ја наметнуваат на секоја програма!!! Турска еј!!! Толку време сме биле под турско ропство и сега наеднаш инвазија на турско-индиски серии… не дека сум националист, ама жалосно е! Очекуваме идните генерации да ги оправат работите, ама некако тешко да очекуваме такво нешто коа растат со вакви евтини сериали… и нивниот говор се сведе на глупата синхронизација… епа така е! Ќе те држат тупав за да станеш неспособен и да бидеш дебил што не знае што е добро, а што е лошо! И ќе ќутиш кога ќе сакаш да се побуниш бидејќи нема да знаеш да кажеш ништо друго освен „Со помин“, „Со лесно“ и „Господ нека не чува“… Кој Господ бе? Ние не не ги почитуваме божјите закони, па очекуваме да се почитуваат земниве!!!property-graphics-_1070775a

Џабе!!! Човекот никогаш нема да биде среќен кога го ограничуваат. Дури и Адам и Ева ја сакале јаболката затоа што е забранета!!! Уште на почетокот на човештвото почнале со забрани… Библијата ти е чист бизнис!!!

Сакам да се направи еден споменик со огромен, џиновски гз, со поширок анален отвор и наместо да прска вода од него, нека прскаат гомнарии, за да можеме да го лижеме кога поминуваме покрај него, ми се чини дека за тоа луѓето најмногу ги бива… сите оние кои се преценуваат и кои мислат дека се богови, да им направиме тронови каде што ќе можат да ги гледаат другите одвисоко, како што им доликува, и наместо златна круна, да си стават златен кур на главата, па кога ќе грми, да мавне гром во највисокото!!!

da

Сите мажи што сакаат да бидат жени нека си ги исечат мудата и нека си ги обесат како обетки… а сите машки што сакаат да бидат машки нека одат во војска, а не да се прават тепачишта само на игрици, џабе ви се куровите кога боље ви стои пичка – ице 6…. идете билдајте се, надувајте се како цепелин, побрзо ќе ви дојде крајот! Не заборавајте да се издепилирате , да се намачкате со крема, да облечете тесна маичка… цело време потрошено за џабе, наместо тоа можете да прочитате некоја книга, за да знаете како да направите муабет кога ќе излезете да се фрцкате!

Сите сакаат вистина, а лажеме секоја минута барем по еднаш! Гледајте го документарецот „Зашто лажеме“. Сите сакаме чесност, а дури и поповите по црквине не се чесни и чисти. Сакаме љубов, а омразата е најновата мода. Сакаме среќа, а светов стана роб на материјализмот… Сакаме здравје, има аптеки на секој чекор, ама џабе, сите сме болни од болести кои не се лечат со лекови… болни мозоци!!!

Тоа е… закони, правила, прописи… скрати му го тоа што му е природно на човекот, казни го затоа што е човек… и после сакаме човечност… епа нема!!! Вистинскиот човек бил оној што живеел во дивина, не знаел да збори и се концентрирал на сетилата… Сега нема луѓе, овие денешни створења се нешто најгадно на планетава… луѓето не се животни, животните се подобри од луѓето!!! Тајната како да го продолжиш животот е да не го скратуваш!!!! Сега не ти вреди ни да умреш, почнаа да крадат цвеќиња од гробовите и да ги препродаваат, дури и кога си мртов те крадат и те прават будала бе!!!

А да , сигурно ќе има многу кои ќе ме осудат дека сум била вулгарна, негативна и огорчена… да даааа… заборавив дека е срамота за едно женско да се изразува вака!!! Епа преку кур од тоа како е ПРАВИЛНО да зборуваш, срамота е јавно да се изразуваш вака, како никој да не знае што значи тоа, ете уште една закана… Ама како што вика Ице6, срамота е да ја кажеш вистината, а не е срамота да покажуваат цицки, курови, пички по телевизија и интернет, не е срамота да се краде, да се лаже, да се убива, ама срамота е како се изразуваш и срамота е да пцуеш!!!

Pointing_Finger

Така, се нешто сите се полни со себе, самобендисани егоцентрици што уште носат пелени затоа што  другите им го бришат газот, главата им е толку горе високо, па мислат дека другите се под нив, само затоа што они одат со главата горе! Ама кога ќе им се случи некоја несреќа и кога ќе гледаат низ очите на другите, ќе цвикаат како слепи глувци…  тогаш кога некој ќе се биде тажен нема да му рече гледај го сонцето, туку ќе го фати за рака! Кога работите ќе се свртат во обратна насока, можеби ќе им падне главата надоле и ќе можат да гледаат во тажните очи на другите! Абе ајде еден Армагедон !!!!

Абе НЕлуѓево се гадни ееееееееј!!!! Оскар Вајлд вика дека вистинскиот пријател не ти забива нож од позади, туку од напред! За пријателите да не зборам… кажав веќе…

Ааааааах можам уште многу да серам!!! Ама мислам дека е време за некоја паметна мисла за крај: „СЕКОЈ ГРЕШИ , САМО НЕРАЗУМНИОТ ОСТАНУВА ВО ЗАБЛУДА ЦЕЛ ЖИВОТ“ – Цицерон

Која е следната боја!!!

Кога се родив немав коса… мојот мозок немаше никакви сеќавања и косата немаше од каде да пушти корења. Како што раснев, почнав да го полнам  мозокот со нови информации… тогаш и косата почна да ми расне. Првата коса е најубава, како секој прв пат во животот. Беше плава и виткана… тогаш така го гледав светот… како светол, разигран, весел и мек.

Потоа дојде и денот кога првите впечатоци мора да се заменат со нови. Ми ја скратија првата коса и моите мисли веќе не беа невини. Како да скратија еден дел од мене и како да не ми дозволуваат да мечатаам. Мислам дека косата влијае на мислите.

Се отвори ново место за меморија. Порасна новата коса, дојдоа и нови впечатоци. Ама косата веќе не беше разиграна. Беше права. Се прилагодив на тоа и посакав никогаш да не ја скратам… посакав да имам коса до бескрајот… да можам да се завиткам во неа кога ќе сакам да се скријам. Но, ете… никогаш не ми дозволија да имам долга коса кога бев малечка… ваљда им било мачно секој ден да ме чешлаат и да ми плетат плетенки… но, не барав тоа, само сакав да ја пуштам да се заплеткува во гранките додека се качував на црешата. Секое шишање беше отварање на нова соба од главата… плачев на секое шишање , ама не помагаше. Сама си ги шишав шишките како знак на протест, и затоа на секоја слика имам криви ретардирани шишки. Им завидував на долгокосите девојчиња… и не е чудо што почнав да се дружам со машки… повеќе се вклопував со фризурата. Косата ми стануваше пократка, но мислите подолги… се прашувам што ќе беше од мене, ако имав долга коса  која во зима ќе ја ставав околу вратот наместо шал?

Поминуваа годините, се менував и јас со секое наредно шишање. Дојде тој период во животот кога веќе немаа власт врз секој дел од мене. Косата беше моја одлука и конечно ја оставив слободно да расне. Среќни бевме јас и мојата коса… експериментирав со неа, соодветно на експериментирањето во животот. Плетенки ситни,крупни,  репче високо, ниско, кики, пунџи , мунџи, виткање, пеглање, фенирање, тапирање, собрана, пуштена, распуштена… реков ќе пробувам секакви фризури , ама повеќе не се шишам и не се фарбам НИКОГАШ! Не сакав никогаш да ја променам. Многу силна одлука за еден слаб човек. Тоа е исто како да сум си ветила на себе дека никогаш нема да се сменам, затоа што знаев дека секое шишање ме менуваше. Но, човекот никогаш не останал верен на своите ветувања. Кога ќе се закотвиш на едно место доволно долго, и тоа што ти било убаво почнува да ти станува досадно. Човекот е подложен на еволуирање и неможеш да избегаш од промените.

Долго време одбивав да се сменам… не сакав… многу главоболки издржале овие коси, многу кубења, многу дождови, многу раце поминале низ нив, а и вошки имало. Ама не… заедно пораснавме и нема туку така да ги дадам на некој непознат тип со ножици да не раздели. Имаше многу спомени во нив. Имаше нови пријателства, имаше прва љубов, имаше многу први нешта што заедно ги поминавме. Амаааа… дојде и тој ден кога спомените веќе не ми беа толку драги за да ги задржам. Се сруши нешто во мене, премногу пати ја кубев косата од нервоза, неколку пати посакав да ја избричам косата за да веќе никој не ме погледне. Долгата коса почна да работи против мене… почна да ме гуши на спиење, почна да ме дави секогаш кога ќе се насмеев, ми влегуваше во уста секогаш кога ќе сакав да кажам нешто, и ми влегуваше во очи секогаш кога ќе видев нешто убаво … не сакав веќе да и правам фризури, и онака веќе сите ги пробавме, не сакав ни да ја чешлам, не сакав со својата тежина да ме носи надолу.

Решив дека е време за промени… т.е. не решив тие сами дојдоа, ги осеќав внатре. Отидов и се збогував со косата… исто како порано… направив место за нови спомени и се ослободив од старите заплеткани прамени. Викаат колку повеќе влакна има кучето , толку повеќе муви ќе има околу него. Се ослободив од бубачките… наместо моите раце да играат со долгата коса, сега ја нема и на нејзино место моите раце земаа цигара…

ddddddddddd

Јас и мојата нова коса супер функциониравме, се до оној момент кога сфатив дека неможам многу да експериментирам со неа… беше кратка и затоа и кратко се радував на неа. Кога ќе тргнеш по новиот пат се е убаво се додека не посакаш да скршнеш од патеката. Мери Мекрори рекла дека кога жената ќе престане да ја менува својата фризура, тоа значи дека го надминала своето искуство. Епа, јас не се осеќав така…

Решив да го направам тоа што мислев дека никогаш нема да го направам… додадов малку боја во моето искуство. Ја обоив розева, мислев дека животот ќе ми стане порозев. Кога ќе ги офарбаш старите ѕидови , исто како да си го сменил местото на живеење. Така и јас… се осеќав како друг човек, всушност и бев друг човек. Ги обоив и моите мисли со тоа. Кога розевото почна да бледее, станав црвена. Ми одговараше со виното. Силна боја е црвената… се осеќав силно, но не за долго. Доаѓаше нова промена… ја осеќав… промени, промени, промени… се прашував која е следната боја на моето расположение??? Ама не беше до бојата, некако некои делови како да ми фалеа… како да се избришале и како за џабе да зафаќаат простор во меморијата. Тоа беше моментот на уште една промена… го ослободив делот што ми беше непотребен и ја избричив едната страна од косата. Нека порасне нова, за нови спомени. Време беше тоа да се фрли. Остана барем едната страна од косата за да ТИ ги заплеткуваш прстите во неа.

Сега за сега се осеќам ослеснето, со дефрагментирање можам да уживам некое време… но знам дека ќе ме стигнат пак промените, ќе сакам пак да ја променам бојата на перцепирање, а имам и нова идеја за нова фризура. Ама се некако како да сакам да се вратам на старото… на онаа долгата, плава коса која имаше убави работи да раскаже… ама за да ја вратам таа ќе треба да ја избричам цела глава… а за тие екстремни промени сеуште не е време мислам. Елизабет Тилберис вика вака: „Once you’ve had chemotherapy, there’s no such thing as a bad-hair day“.

Јас пак викам дека ИСКУСТВОТО Е ЧЕШЕЛ ШТО ТИ ГО ДАВА ЖИВОТОТ ОТКАКО ЌЕ ЈА ИЗГУБИШ КОСАТА!!!

КОМБИНАЦИИ!!!

Се’ се состои во комбинациите… така и настанала множината… барав збор што е спротивен на КОМБИНАЦИЈА, ама нема ништо… Можеби ДЕкомбинација, ама мислам дека не е правилно… Дали тоа значи дека штом еднаш нештата се искомбинираат, дека не може да се скрши таа комбинација… На пример: сол и бибер, кафе и цигара, маж и жена(иако има тука и други искривени комбинации како маж и маж, жена и жена, ама сепак основното е маж и жена), материјално и духовно, љубов и омраза, сексот и градот  хехехе…. Јас и Ти…

Интересно што најдов е следнава реченица: „Во машинството: низа бројки или други знаци кои, кога ќе се сложат во определен ред,комбинација ги отвораат бравите сами од себе, без клуч.“  Како да знаеме кои се правилните комбинации??? Комбинираме бои, комбинираме храна, пијалоци, луѓе, дрога, облека, комбинација на бројки… комбинираме ноти и комбинациите кои прават музика одат до бесконечност… комбинираме букви и ете, човекот не може да престане да збори… постои ли совршена комбинација??? Можеби да, онаа комбинација на бројки која е добитна на лото хехехе… Интересно е што лагата можеш да ја комбинираш на многу начини, ама вистината неможеш, таа е една…

Додека седиш и си ги комбинираш мислите, некој друг комбинирајќи ја облеката те става и тебе во комбинација… Додека комбинациите се комбинираат, надвор месечината и ноќта се во својата комбинација, а внатре креветот и перницата ме повикуваат да се комбинираме, тоа е една од поубавите комбинации… и додека апсолутно го силувам зборот „комбинација“, се мислам каква слика да ставам во постов за да можам да ги искомбинирам…

images

Се одјавувам со тоа што ви ја оставам мојата лична комбинација: се смеам, плачам, се разочарувам, се радувам, се плашам, се трудам, се надевам, паѓам, сакам, мразам, успевам, не успевам, се враќам назад, па одам напред, дишам, гледам , слушам, живеам… сите го правите ова, значи сепак луѓето не се разликуваат премногу, само се’ е до комбинациите на овие работи…

Една мисла на крај: Ако не знаете каде одите, одберете го било кој пат, сигурно ќе стигнете таму… ако знаете да искомбинирате хехехеехехехехеех….

Амплитуда!!!

Ми се свиѓа кога денот ми е како амплитуда… од најниско, до највисоко, па пак ниско, па пак високо, па се спушта, и на крај завршува нагорно… баш природно! Некогаш се чудам како универзумот работи во моја полза. Уште сабајлечки почна добро… конечно се разбудив наспана, си ја собрав цела енергија во мене и ја потрошив корисно. Да не навлегувам во детали, бидејќи може и да не е толку интересно за другите, секој си има своја дефиниција за интересно поминато време.

Амплитудата се така убаво се искачуваше погоре и погоре, друштво собрано, хахаха , хихихи, насмевки летаат на сите страни, винце, по некоја истурена чаша, никотин во плуќа, пот на чело и филмот Самоуништување на телевизија. Ама, се знае, кога сите пијат, а ти не, тогаш се осеќаш  како суво дрво во рајската градина. Па така аплитудата почна да иде надоле… некако не го гледаш светот низ очите на другите, не го гледаш искривено, туку баш ти е рамно. Башка моите материјални залихи ја стигнаа нулата, цигарите ми ги испушија, не престанувам да мислам дека треба да станам рано сабајле на работа, значи немам ни пари , ни време, ни желба. И ајде, штом мавне алкохол во крв, нормално, сите сакаат да излезат некаде, да ја прошетаат онаа потиснатата личност во нив, која сега испливала на површина од премногу алкохол. И така кога сите викаат уРаааааааааа, не сакаш ти да бидеш аутсајдер и да викаш уаааааааааааааааа… ама убаво викаше баба ми, ура ура, па кура! Ајде , идеш заедно со толпата, по принцип на преживување, каде  е толпата, таму си и ти, зашто ако останеш сам може и да бидеш изеден! Така се е супер, секој за нешто филозофира, а јас седам како некој пензионер и си мислам кога да тргнам накај дома. Ги посмотрам сите, ликовите им се различни, ги слушам нивните муабети, и си мислам колку се очигледни, дали и јас сум таква кога пијам. Не се ни свесни дека секад ги прават истите муабети кога здивот ќе почне да им смрди на бочва. Почна се да ме нервира и решив дека не е можно сите да се безвезе, сигурно јас сум лошо друштво. Решив да го напуштам ова младо друштво на пропаднати филозофи и да идам таму каде што ќе се дружам со моите три личности. И така за да амплитудата го стигне своето најниско ниво, мораше да се случи и караница со мојот момак, бидејќи беше неизбежно оваа вечер, морав барем нешто да направам оваа вечер, за да имам и јас некаква акција хехехе… помина и тоа, и откако се разделивме со шашава дискусија, и наместо чао, навреди и пцуења, ја одбив неговата добра намера да ми даде пари за такси, иако ми требаа, бидејќи радо би одела дома гордо пешки, можеби и ќе размислам за последната реченица што ми беше упатена ТИ ИМАШ ПРОБЛЕМ!!!  Хахахаххааа ко да не знам за тоа!!!

Сфатив дека порано луѓето биле посреќни затоа што повеќе оделе пешки, ја отвораш опцијата да се случат интересни работи, а истовремено така пешачејќи можеш да видиш и секакви будали со кои можеш да се утешиш. Така на пример, налетав на една група благо ретардирани особи, кои седеа и се натпреваруваа во ждригање, уште еден пар кој имаше жестока расправија, многу екстра дотерани девојки, кои потрошиле цел ден во спремање за оваа петочна вечер, но си одеа  дома со наведнати глави, празни погледи и скрстени раце ( можда им беше ладно , пошто облеката што ја носеа изгледаше како да им е три броја помала ), потоа едно весело друшто , во кое главна улога имаше една девојќа, која се смееше толку гласно што неможеш да не ја забележиш. И не ме чуди, бидејќи се смееше како да свршува, па и не е чудно што сите ја гледаа со лиги на устата. Исто така, не е возможно да не налеташ и на  градските сељачишта ( знам ова звучи контрадикторно ) , ама што да прават кога имаат потреба да го лечат својот комплекс на мал пенис со тоа што ќе свиркаат по девојќи. Само не знам дали тоа свиркање им е професионална деформација, или се природно глупи, јас не сфатив зашто свиркаат и дофрлаат по мене, дали по широките пантолони, или моите “секси„ патики, или можеби беше провокативен ранецот што го носев??? Не ја сфатив шегата искрено…

index

Иииии, така идејќи накај дома и држејќи 5 денари во рака што ми се најдоа во џеб, си мислев да си купам цигари на парче од трафика, знам дека тоа ќе ми го разубавеше долгото патување накај дома. Но, за среќа амплитудата почна да иде нагоре, кога во трафика сретнав еден другар од маало… ме праша дали ми треба превоз до дома. ТОП! Му викам ај да земам цигари со овие 5 денари и идеме. Типот како прав каваљер, не ми дозволи да се циганчам у трафика, и ме почасти цела кутија цигари… хо хо хоооо, мераци! Подобро неможеше, си најдов превоз и друштво до дома, и плус си ќарив цигари… за да не испаднам користољубиво копиле, седнавме у маало да испушиме две-три цигари уз муабет, т.е. кратка содржина на нашите сегашни животи и амплитудата пак го достигна својот врв. Си разменивме броеви за во случај ако нема што да се прави, да испушиме цигара во маало и си тргнавме накај дома.

Дома имав уште едно изненадување, добив задоцнет подарок од мајка ми за роденден, арно и текна после два месеци… надувала балони, ги закачила на врата, и меѓу нив имаше завиткано изненадување. Го отвиткувам јас набрзина, со надеж дека има нешто вредно, но за жал внатре имаше уште еден балон наполнет со вода и напишана порака СРЕЌЕН РОДЕНДЕН УБАВКЕ хахахахаа… и давам 10ка за креативноста и легнувам да спијам со насмевка!

За да не биде бескорисен постов, ви давам една мисла: Добро е да има бранови во вашиот живот, се додека тоа не се претвори во  бура.

Почна да се разденува, утре ме чека ново веслање…

kактус!!!

Не ова не е за мене… во последно време ми е тешко да пишувам за себе, изгледа има нешто што не сакам ни самата да го дознаам додека се самоанализирам … затоа решив да пишувам за некој друг, за личност на која и го пренесов моето проклетство преку бакнеж кој беше забранет… тоа беше мојата казна, а воедно и негова … да не е премногу поетично??? Хехеее…

Размислував… колку малку му е потребно на еден кактус за да живее… само малку вода од време на време и може да живее до 300 години … за разлика од човекот, што и да му дадеш, не му доволно за да биде исполнет… колку повеќе имаш, толку повеќе бараш… ааах…

Овој човек за кој станува збор е како кактус. Како што е водата за кактусот, така е љубовта за него. Често кактусот е занемарен во однос на другите цвеќиња, затоа што тој не е како другите, нема опоен мирис со кој ги привлекува другите, нема некој раскошен изглед од кој сите би застанале со отворени усти, ако сакаш да го допреш најверојатно ќе се избоцкаш, полевајќи ги другите цвеќиња кактусот го прескокнуваме … немојте да помислите дека личноста за која станува збор смрди, грда е, има влакна, и очајна е за внимание… баш напротив!!! Но, тоа што сакав да кажам е дека некои луѓе имаат таква перцепција за кактусот, но ако го гледате низ моите очи, јас би рекла дека е едно од најпрекрасните створења на природата ( после сончогледите хехехе … кога врне, кактусот знае да се покаже во вистинското светло, има цвет поубав од било кое егзотично, ароматично растение. Така и оваа личност, кога има доволно љубов, ќе ја видите во правото издание… едноставно цвета, толку е раскошен, што посакувате да го изедете со се боцките хехехе J не му пречи едноличната пустина, се додека го има тоа што му е најпотребно.

Еден ден, кактусот помисли дека веќе нема потреба да ги пушта своите боцки, сметаше дека цветовите кои излегоа на неговото тело неможат да дојдат до израз ако постојано ги има боцките на себе. Реши да биде како секое нормално цвеќе, да ја дели својата убавина со сите. Знаеше дека таму некаде постои Розата, која исто така има боцки по телото, и ја презираше бидејќи на некој начин наликува на него. Помисли дека убавината е целосна кога можеш потполно да уживаш во неа… си ги собра боцките и почна слободно да дише. Наеднаш сите животинки кои живеат во пустината почнаа да му се умилкуваат, и да ја цицаат водата од него. Му ласкаа за неговата убавина, а тој во замена за тоа им даваше од својата вода… но, промените беа видливи… наеднаш почна да ја губи својата убавина, имаше преголемо присуство околу него, но не се осеќаше сакано, не се осеќаше толку убаво како што сите велеа… почна да се суши, почна да ја менува својата форма, почна полека да исчезнува… сфати дека убавината потрошена на погрешно место, не е убавина… сфати дека посреќен беше кога беше сам во пустината, но сепак беше свој, сфати дека кога сите ти кажуваат само убави работи, тоа не е она вистинското, сфати дека кога ги имаше боцките беше крал на пустината, а сега е само уште еден плен на користољубивите суштества, сфати дека се додека знаеш како да се заштитиш, ќе знаеш како да ја трошиш својата енергија и убавина…

kaktus

Кактусот ги пушти боцките и заврна дожд… се разбегаа лакомците, а тој почна да цвета… до него порасна уште еден кактус… си ја најде сродната душа, и сфати дека најубаво му е со некој кој го цени без разлика каков е, некој што го разбира … заедно остварија совршена симбиоза …

денес баш сум глупа!!!

Има такви денови мајке му!!! Уште од сабајле неможеш да ја движиш главата од главоболка, сакаш да ја откачиш и да си ја шутираш по улица… ама неможе, ќе си ја носиш како страно тело, и секој тврд објект ќе го гледаш како потенцијален лек за самотрескање… следна индикација – гадење… ти се лоши, мислиш у желудник ти се одвива војната меѓу германците и русите. И ти носат пица во најлошиот момент… добро бе Марфи ДО КОГА со тие твоите закони… дај олабави малку… и јадеш пица пошто неможеш да одолееш и пак ти се гади… мислиш низ нос ќе ти излезе… нема везе. А така убав ден, сонце, друштво, парк, си лежиш на трева мислиш сонцето ќе ти ја даде потребната енергија… ама НЕЕЕЕЕЕ… стануваш и почнуваш да се двоумиш дали си во твоето тело или си некој друг??? Одиш по улица, а мислиш дека не си реален… каде и да легнев мислев ке заспијам, и во контињер да се бутнев ќе беше тоа најубавото спиење до сега… ама се дотуркав некако до дома со розевиот точак и ни збор дома, влагам и право у кревет… се што сонував мислев стварно се случува… каква халуцинација… уште тоа ми требаше да ме мавне сончев шок, па кога станав незнаев дали сме 2010 и 2119… станувам после 3 саати и одма фаќам индексот да одам на полагање ц ц ц ц ц ц… пореметување!!! Си мислев чекај на кого требаше да се јавам, да им кажам дека полагаме БОЖЕЕЕЕЕЕЕЕЕЕЕЕЕЕ се шаштисав!!! Гледам у саат и сфатив опасно сум истрипала… остатоци од вино во тебе, пица, цигари и јако сонце било опасна дрога!!! Права канта за ѓубре – еден голем фараш!!!

screaming

Заклучок: во такви моменти боље да не правам муабет со никој… со сите што напраив муабет им го усрав денот… ко сите да се против мене… а уствари јас сум против себе. Масовно расправање за ситници… кога ќе ми текне сега ми иде да си мавнам кутлача од глава… оставање лоши коментари по фб, правење бесмислени муабети по мсн, општа депресија на блог, дома си играме кој погласно ќе викне… батали све, не ми се свиѓа денешното фијаско… идам надвор, па макар и врнело!!! Си шеташ така, те прскаат од сите страни, баш посакав да сум во филмот Професионалец, да имам еден снајпер и да си пукам кај ми текне, како во некоја игра да си собирам поени… RELOADING!!! Не го бива ова… што ден ќе беше, ни сонце , ни дожд не ми одговара, ебате штимунгот!!!

santa-cruz-screaming-hand-logo

Ајде назад, отварам шифоЊер да видам што се наоѓа за апсолвентска вечер… хмммм… НИШТО!!! Растурив за џабе, дури земав и да сечам некои фустанчиња, демек нешто моден креатор ќе бидам, сакав нешто сама да си направам, а уствари само уништив… на крај пак се одлучив за фармерки, кошулка  и кондурите од баба ми… ќе бидам право бабе!!! Па што , зар мора да се маскирам како сите други??? И онака ќе идам со точак, барем да ми биде удобно…

Оффффф… и така пред да уништам све, а воедно и себе, викам ај ќе седнам ќе се испукам на блог, на крај сепак тоа е депонијата каде што моето ѓубре, ќе изгледа како демек нешто вредно… е така, денес баш сум глупа, али барем добив… а никој не ме разбира хехехе….

РАМНО!!!

Нема ништо подосадно од рамнина… каде и да се свртиш едноличност…

Како сите боички што ги имаш да се иста боја…

како сите луѓе да имаа исто име…

како сите песни да имаа иста мелодија…

како филм со среќен крај…

како лето без испотени мишки, интересно ми е во лето да гледам кој колкави кругови има под мишките…

како дете без играчки…

како базен без вода…

како ружа без боцки…

како дожд без звук…

ех, рамнина… електрокардиограм со права линија… погледот на слепиот… допирот на бесчувствителниот… бакнежот на мртвиот… прашината врз дупнатата топка…

како буквата Ј без точката…

letter_j

хмммм… како саат без стрелки… немо е… времето не тече, рамно е…

како ќоше без пајажина, секој ќош е остар, пајаците не плетат мрежи за џабе, се стремат да ги покријат аглите кои одбиваат…

праволиниски е денес… линијата дели, мери и сврзува …

чудно е како животот се претставува како линија, а линијата е тоооолку досадна…

МУВА БЕЗ ГЛАВА!!!

Дали нешто ќе се смени ако се појавам?

Доаѓам како земјотрес, а си одам како глуварче.

Колку луѓе ќе се бакнат додека Земјата сврти околу Сонцето???

Колку луѓе помислуваат на мене додека го пишувам ова?

Никогаш се плашам како влијаам на другите…

А што ако не бев јас… дали нивните животи ќе беа исти???

Незнаеш колку некој е вреден додека не го допреш…

Или сакаш да продолжи или никогаш повеќе да не те прља со неговите гнасотии…

Мислам дека гревовите се пренесуваат со допирот… пазете да не ве допрам …

Дали мојава кожа ќе беше и сега иста ако не ме допреа сите тие што се осмелија???

Љубовта не е за мене за да ја задржам, туку да ја предадам на следниот што ќе го сретнам…

Се менувам како сенката во текот на денот… од највисока до најниска…

Момент се мразам себе и сакам да се издишам како балон после Нова Година…

Момент се сакам себе и сакам да го рефлектирам сонцето преку моите сончогледи.

И нема некоја разлика… и двајцата се затвараме кога ќе се стемни, а утрото е толку позитивно…

Додека го има сонцето, ме има и мене… а кога ме нема и не ме боли така, и онака не постојам!

Ме восхитуваат големите катастрофи… толку луѓе со исти чувства собрани на едно место, колку е тоа интензивно… зашто секогаш ти олеснува кога некој има иста болка како тебе??? Па тоа сепак е болка, зашто??? Кога и другиот го  боли демек е ок???? А кога си среќен, бараш причина плус за ти да испаднеш посреќен… ах ЛУЃЕ – Створења што никогаш нема да ја остварат средбата со самите себе… секогаш спремни за војна, ама не онаа фер…

Ја бараме слободата со тоа што ја убиваме… нека се таложат трупови за да се искачиме повисоко…

Зашто за се е потребно жртва… каква ли анатема е тоа…

Кога денот ми е совршен, сонот ми е кошмар… па и подобро така отколку обратно…

Како тоа фантазијата на луѓето е толку голема во соновите… секој може да биде поет ако ги запишува соновите… а реалноста опасно не затупила …

Мисливе ми летаат, а новиот ден веќе почна…

bc35c1713b62

ПС  поздрав до Астростопер што се вози на чопер, Анти што лупа на канти, Амородор од љубов што е ќор, Новајлија што падна у провалија …. иииии…. иииии… другите се разбира!!!

ВОЗОТ!!!

Кога тргнав на патувањето немав ништо со мене… онака чекорев со рацете раширени и доволно ми беше… имав раширени раце за цел свет да го гушнам… решив да почнам да градам пруга, во случај ако се изгубам да знам каде да се вратам. Можеби и не требаше, затоа што некако сама како да си го предестинирав патот! Градев, и градев, и градев… и стана досадно. Кога осетив дека пругата е доволно долга , решив да се надградам. Влегов во локомотивата и решив да возам. Доволно ми беше… од едно место на друго… од секаде собирав сувенири, некои ги купував, некои ми ги подаруваа, некои ги крадев, некои не ми се свиѓаа, ама неможев да ги одбијам, некои случајно ги наоѓав, а некои не ги заслужував. Локомотивата стана премала за моите дрангулии, ама секоја ми беше битна и без неа патот ќе немаше значење.

Решив да закачам еден вагон плус, таман за сите ствари што ги собрав по патот. Си возев и си градев истовремено, јас, локомотивата и вагонот. Возејќи така премногу работи осознав, премногу работи собрав, на некои места подзастанував, онака од што ми беше убаво. Неприметно , свртувајќи се назад, видов дека не е само еден вагон позади… па кога успеав да ставам уште вагони??? Хммм… баш неприметно… решив да видам што имам внатре… шетав низ вагоните, и полека сеќавањата ми се враќаа… некои предмети што беа внатре дури не се ни сеќавам кој ми ги дал, некои дури и ми се скршиле од премногу лудото возење по пругата… некои вагони имаа темни прозорци, а некои вагони одвај успеав да ги отворам… некаде имаше скршени стакла, имаше премногу работи… имаше повеќе убави спомени отколку лоши, или бар така мислам… си реков ај за денес доста е, па и не чини толку да превртувам по старите вагони…

Го продолжив патувањето. Многу пати возејќи така од двете страни на пругата имаше провалии… не им се плашев, забрзував и ги поминував. Имаше и доста убави глетки по патот, онака те тераат да застанеш и да ставиш дел од тој момент во еден од вагоните, но неможеш се да пренесеш, доволно е само еден мал дел да украдеш од моментот и да го заробиш во вагонот, и секогаш кога ќе го допреш , ќе ти се појави сликата пред тебе!

Многу луѓе се качиле во моите вагони, имаше докази дека некои си заминале засекогаш и решиле повеќе да не се качат во мојот воз. Имаше некои кои се симнуваа, и пак доаѓаа. Имаше и такви кои постојано се возеа со мене и заедно ги разгледувавме сите сувенири што сме ги собрале по патот. Имаше и такви кои само мавтаа кога поминував со возот, а имаше и такви кои маваа со камења кога јурев по пругата, само затоа што мислеа дека поминувам на нивната територија. Можеби затоа ми беа скршени некои прозори, или можеби јас сум ги скршила сакајќи со сета сила да исфрлам некои од сувенирите кои сум ги собрала. Но, неможе да се прикрие тоа, дури и да сум ги фрлила, сепак прозорите ме потсетуваат дека нешто не било во ред.

Приметив дека некои седишта беа резервирани, имињата на луѓето кои секогаш се возат со мене беа изгравирани на седиштата… имаше и резервирани броеви, но имаше и откорнати седишта. Но ако, на тоа место совршено ќе се вклопи некој нов сувенир или ќе се закачи некоја убава слика!

Се случуваше и по некој дефект на возот… некогаш со денови и денови неможев да го поправам… стоев на едно место мислејќи дека ми дошол крајот, мислејќи дека треба да го оставам возот тука и да продолжам без да се свртам, оставајќи ги сите работи кои ги собирав патувајќи… ама не, што сум јас без моите вагони кои ги влечам со мене??? Затоа тука беа луѓето кои постојано се возеа со мене, и заедно го поправавме возот секогаш кога неможеше  да поднесе повеќе товар. Расчистувавме по малку и додававме нови вагони…

Вратите се секогаш отворени, и вагоните се уште се дополнуваат… расне возот! И станува се поинтересен… но, колку повеќе вагони има , толку се поголеми шансите да се скине, да се скрши, да замре… ако… додека може да влече, ќе го надградувам… на крај испаѓа дека цело патување било само еден голем круг…

tomy-choo-choo-loop

…кога ќе стигнам на местото од каде што тргнав, тогаш ќе биде крај на моето патување, а локомотивата ќе ја превземе некој друг… некој што треба да го помине кругот, зависно од тоа колку вагони може да поднесе. Ги жалам оние кои се немоќни да додадат уште вагони… слабаци… а уште повеќе ги жалам оние кои се завиткале околу својата пасивност чекајќи цел живот некој да им ја гурне локомотивата, или некој друг да вози наместо нив… на таквите патот не им е круг… туку права линија која завршува со DEAD END!!!